Претседателот Иванов ќе ја прогласи за отворена големата изложба на дела “Отоманскиот патописец: Евлија Челеби” на Институтот за Арапски свет, додека на меѓународниот научен симпозиум „Евлија Челеби, отоманскиот патописец од 17-от век и Европа во негово време“ ќе учествува делегација на МАНУ во состав академик Георги Старделов, претседател на МАНУ, академик Владо Камбовски и проф. д-р Нуман Аруч.
Меѓународниот симпозиум кој е во организација на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), Турската национална комисија на УНЕСКО и Центарот за истражување на цивилизациите при Универзитетот Бахчешехир во Истанбул е еден од трите големи научни симпозиуми со научници од целиот свет кој ќе се одржат во Париз, Скопје и Истанбул. Претседателот Иванов ќе биде покровител на проектот и на научниот симпозиум кој во април, 2012 година ќе се одржи во Скопје.
Претседателот Иванов во рамки на посетата на Париз ќе оствари средба со Ирина Бокова, Генерален директор на УНЕСКО.