Претседателот Ѓорѓе Иванов немал информации за проблемите од дипломатски карактер со кои се соочила делегацијата на Општина Охрид за време на неодамнешната посета на Австралија. Запрашан за коментар за односот на амбасадорот Перо Стојаноски, кој, како што тврдат претставници на делегацијата, ја опструирал посетата на градоначалникот Петрески на Австралија, Иванов истакна дека за тоа слуша од новинарите.

– За тоа очекувам да добијам официјални информации. Сепак се работи за нешто што е во надлежност и на Претседателот меѓутоа првпат слушам од вас за ова. Навистина ќе побарам да бидам информиран за ова, изјави Иванов.

Запрашан за иницијативата за измени во Уставот, претседателот Иванов кој денеска во Охрид присуствуваше на отворањето на Студентските спортски игри, истакна дека секоја иницијатива е добредојдена.

– Сите прашања за кои се смета дека се спорни треба да се дебатира по нив и да се дојде до решенија. Се уште тоа е во фаза на отворена дискусија и тоа е партиска работа, партиите ги кажуваат своите иницијативи па ќе видиме што од тоа ќе произлезе, истакна Иванов.

Во врска со грчките забелешки на македонско претседателство со Советот на Европа, Иванов истакна дека Советот на Европа има принципи по кои функционира и дека Македонија како претседавач ќе направи се да придонесе за реформите на оваа институција. „А она што некоја членка на Советот оспорува, тоа е нејзино право“, рече Иванов.

Запрашан дали со ова Грција отворено потврдува дека не го признава македонскиот идентитет, претседателот Иванов посочи дека тоа е прашање кое ги оптоварува односите помеѓу двете земји веќе две децении и дека Грција треба да соочи со реалноста и да признае дека постои и македонска држава и македонска нација.

OhridNews