Тој посочи дека грешката е во тоа што во Службен весник била објавена листата за консултации, а не конечната листа на лица кои целосно или делумно се ослободуваат од натамошно извршување на казната затвор.
– Грешката е констатирана, ја признаваме и истата ќе се исправи со објавувањето на новата одлука во Службен весник. Дојде до одредено отсуство на комуникација бидејќи во летниот период дел од кабинетот е во Охрид, а дел во Скопје. Јас им се извинувам на македонските граѓани што направивме ваков технички пропуст, рече Иванов.
Запрашан дали дали меѓу помилуваните е или ќе биде и Ламбе Арнаудов кој поради злоупотреба на функција се наоѓа на издржување казна затвор во времетраење од 4 години, Иванов објасни дека ексдиректорот на ЕСМ како и секој затвореник ги исполнува условите и во наредното помилување тој ќе може да поднесе индивидуално барање.
Пред два дена во Службен весник беше објавена листа на 61 помилуван затвореник по повод празникот Илинден, меѓу кои беше и името на Ламбе Арнаудов. Тој беше на листата на делумно помилувани, а казната му беше скратена за 10 месеци. Вчера кабинетот на претседателот ја повлече таквата одлука, која шефот на државата денеска ја објасни како грешка во комуникација.