Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов вечерва во Охрид се сретна со Претседателот на Република Бугарија Георги Прванов, по повод трагичниот настан на брегот на Охридското Езеро во кој животот го загубија 15 граѓани на Република Бугарија.


 
На средбата, претседателот Иванов го информираше претседателот Прванов за информациите кои досега се собрани во врска со трагичниот настан. Претседателот Иванов го замолил колегата од Бугарија да ги прими изразите на најдлабоко сочувство, и да ја пренесе тагата која ја чувствува целата македонска нација до семејствата на загинатите и до бугарскиот народ.

Иванов најави дека ќе продолжи брзото спроведување на сите потребни дејствија, за да  се утврдат сите околности кои довеле до трагедијата, потоа да им се помогне на повредените граѓани, и да им се пружи потребната поддршка на семејствата на загинатите. На средбата, претседателот Иванов најави дека надлежните македонски служби ќе бидат отворени за пружање на сите потребни информации и помош за полесно надминување на последиците од овој настан, соопшти кабинетот на македонскиот претседател.

Претседателот Прванов пред заминувањето од Охрид на аеродромот Св. Апостол Павле изрази благодарност до македонската држава институции и поединци за брзата интервенција и помошта што им била дадена на настраданите во бродската несреќа. Тој рече дека двете земји ќе соработуваат во истрагата со цел да се откријат причините за големата трагедија. Во Охрид веќе допатува дел од експертката екипа од Бугарија која ќе работи на истрагата околу несреќата што се случи во водите на Охридското Езеро.

Ohridnews