Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов го откажа планираното интервју за телевизијата Euronews, откако од страна на телевизијата на социјалната мрежа Twitter беше употребена кратенката ПЈРМ, наместо уставното име на земјава, јавува „Макфакс“.

Интервјуто требаше да се реализира викендов во Братислава, каде што претседателот Иванов ќе учествува на безбедносната конференција GLOBSEC.

Во писмото до Euronews од страна на кабинетот на македонскиот претседател се потенцира дека употребата на кратенката на ПЈРМ е неприфатлива кога се работи за именувањето на Македонија.

„Ве известуваме дека македонскиот претседател Иванов го откажува закажаното интервју за Вашиот медиум. Крајно неприфатлива е Вашата употреба на кратенката FYROM во ословувањето на нашата земја, Република Македонија. Длабоко жалиме што, и покрај покажаната добра волја за соработка од наша страна, не беше прифатено барањето за отстранување на кратенката FYROM при промоцијата на интервјуто на социјалните мрежи, и не беше уважено барањето да се придржувате до уставното име на нашата земја, Република Македонија и до придавките изведени од уставното име на нашата земја – Република Македонија“, се вели во писмото до Euronews.

Телевизијата Euronews во понеделникот на Twitter објави најава за интервјуто со Иванов, притоа повикувајќи сите заинтересирани да ги поставуваат своите прашања под хаштагот #AskFYROMpresident, направен без согласност од македонската страна. Од Кабинетот на претседателот потоа била побарана исправка од страна на телевизијата, но до тоа не дошло.

„Сметаме дека употребата на кратенката FYROM е директна навреда за граѓаните на Република Македонија. Таа кратенка, како што претходно ви укажавме, никаде не се употребува, вклучувајќи го и регистарот на Обединетите нации и ви посочивме дека FYROM не е име во ОН, туку референца која никогаш не се користи како кратенка. Сметавме дека два дена се повеќе од доволно разумен рок да ја исправите Вашата груба грешка и како што побаравме, во најмала рака да испратите извинување до граѓаните на Република Македонија. Ви изразуваме благодарност за искажаниот интерес за интервју со македонскиот претседател Иванов, кое поради наведените причини, нема да го реализираме“, стои во писмото до Euronews.

OhridNews
извор:„Макфакс“