Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на церемонијата на инаугурација на папата Франциск, која се одржа на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, во присуство на голем број високи политички и општествени личности од целиот свет, верски челници од други конфесии и неколку стотици илјади верници.
По чинот на инаугурација, претседателот Иванов остварил кратка средба со папата Франциск, на која уште еднаш упати честитки за неговиот избор за понтиф на Римокатоличката црква и му посака успешно вршење на благородната мисија.
На средбата, македонскиот претседател истакнал дека односите меѓу Република Македонија и Светиот престол отсекогаш биле на високо ниво и изразил подготвеност за зацврстување и продлабочување на меѓусебното пријателство и соработката во периодот кој следи.
Воедно, претседателот Иванов изразил очекување дека високоценетиот ангажман на папата Франциск и посветеноста кон христијанските вредности и принципи ќе овозможат успешно соочување со предизвиците на денешницата и дека неговиот углед и авторитетот ќе помогнат во одбраната на универзалните вредности, духот на дијалогот, толеранцијата и меѓусебната почит.
На средбата, претседателот Иванов упатил покана до папата Франциск за посета на Република Македонија.
Претседателот Иванов на церемонијата остварил кратки неформални средби со повеќе светски државници. На маргините на инаугурацијата, македонскиот претседател оствари средби со потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, со германската канцеларка, Ангела Меркел, со претседателот на Италијанската Република, Џорџио Наполитано, со претседателот на Мексико Енрике Пена Нието, со принцот Алберт Втори од Монако, со претседателот на Литванија, Далиа Грабуискаите, со претседателот на Латвија, Андрис Бержинс, со претседателот на Р. Словенија, Борут Пахор, со претседателот на Р. Србија, Томислав Николиќ, со претседателот на Р. Бугарија Росен Плевнелиев, соопшти кабинетот на претседателот.
На инаугурацијата на папата Франциск, присуствуваа претставници на 180 држави во светот, како и вселенскиот патријарх Вартоломеј.