Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го поздрави постигнатиот договор меѓу лидерите на политичките партии и повторното воспоставување на политичкиот дијалог во рамки на институциите на земјата, порачувајќи дека сега во најкраток можен рок очекува нормализација на политичката клима и враќање кон целосната посветеност на евроинтеграциите.

„Токму на ова поле ни претстојат предизвици, за кои ни се потребни обединетост, меѓусебна доверба и меѓусебна соработка. Затоа, европската агенда мора повторно да биде прв приоритет на дневниот ред во Република Македонија. Доаѓа време на отрезнување и освестување. Следува период кога сите институции треба да го покажеме својот капацитет и подготвеност да се справуваме со сето она што го попречува нашиот евроатлански пат. Партиите, да си ја сфатат улогата што ја имаат во општеството и да ги анализираат последиците од сите нивни активности и неактивности. Сите треба да извлечеме поука од оваа криза“, изјави Иванов, изразувајќи благодарност кон претставниците од Европската комисија и Европскиот парламент, како и на амбасадорите на ЕУ и САД, кои вложија големи напори во посредувањето за да се дојде до овој договор.

Иванов упати и порака до Европскиот совет да ја вреднува покажаната конструктивност и да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

„Со постигнатиот договор сите ја препознавме европската моќ на обединување. Барам, Европскиот совет да ја вреднува покажаната конструктивност на политичките лидери и во најбрзо време да донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија, како важен предуслов за продолжување на македонската европска интеграција и демократизација, но и како брана за превенција од вакви и слични кризи во иднина. Многу пати досега, повикував на дијалог и институционално решавање на сите несогласувања, посочувајќи дека враќањето на довербата на граѓаните во државните институции е клучно за демократијата во Македонија“, порача македонскиот претседател.

Иванов потенцираше дека се надева оти одредбите од постигнатиот договор нема да бидат мотив за гола борба за власт, туку натпревар на идеи и програми со кои ќе се добива довербата на граѓаните на Македонија, притоа нагласувајќи дека суштината на политичката  борба не се личните суети и кариери, туку битката за просперитетна и европска Македонија.

OhridNews

извор Макфакс