Повик за почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во врска со македонско-грчкиот спор за името упати претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање пред 67-то Генерално собрание на Обединетите нации.
Како што пренесува „Макфакс“, својот повик претседателот Иванов го упатил директно до Грција, посочувајќи дека треба во духот на добрососедските односи да се работи на надминување на отворените прашања.
„Меѓународниот суд на правдата, во членот 95 од пресудата, јасно утврди: Македонија има право да се нарекува себеси Република Македонија во своите односи со други страни и во рамки на меѓународните организации. Во духот на добрососедските односи и нашата силна посветеност за надминување и решавање на отворените прашања, ја користам оваа можност да го повикам нашиот сосед заедно да работиме во оваа насока. Од ова место, од срцето на Обединетите нации, ги повикувам да ја почитуваат пресудата на МСП и да ги почитуваат меѓународно преземените обврски од Времената спогодба“, рече Иванов.
„Денес, во 21-от век изгледа сосема апсурдно да бидете именувани како „поранешна држава“ или како ’поранешна колонија’. Во името на достоинството на мојот народ, ја користам оваа прилика јавно да им се заблагодарам на сите 134 држави-членки на Обединетите нации што го признаваат уставното име на мојата земја, а тоа е Република Македонија. Имам барање до сите вас: обраќајте ни се на нас од аспект на иднината“,истакна во говорот претседателот Иванов.
Порача дека почитувањето на пресудата на хашкиот суд ќе значи и почитување на меѓународното право.
„Ги изразив моите очекувања од Генералниот секретар да го вложи својот авторитет и да се посвети со цел одблокирање на разговорите што се одвиваат под негово покровителство, и што се однесуваат на разликите за името. Почитувањето на пресудата на МСП ќе значи почитување на меѓународното право и владеењето на правото во пракса. Верувам во овој процес. Верувам дека овој процес може да доведе до решение. Но не можеме да чекаме уште 19 години за тоа да се оствари“, порача претседателот Иванов пред Генералното собрание на Обединетите нации.
извор:„Макфакс“