НАТО се уште го нема исполнето ветувањето дадено пред 12 години со формирањето Јадранската повелба дека „Европа нема да биде вистински слободна сè додека целиот регион на Југоисточна Европа не е безбеден… , бидејќи Македонија и натаму не е полниоправна членка на алијансата иако ги исполнува сите услови за тоа, истакна претседателот на Ѓорќе Иванов на отворањето на деветнаесеттата конгеренција на началниците на генералштабови на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба, што се одржува во х. „Гранит“ во Охрид.
Тој потсети дека Јадранската повелба беше потпишана пред 12 години. Само пет години подоцна, на Самитот на НАТО во Букурешт, Повелбата беше ставена на тест и, за жал, потфрли во случајот со Македонија, рече Иванов.
Онаму каде што потфрли НАТО, не потфрли Меѓународниот суд на правдата, кој пресуди дека грчката блокада на интеграцијата на Македонија во НАТО е нелегална и дека се прекршени меѓународно преземените обврски. Сепак, од објавувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата до денес минаа речиси четири години и се одржаа два самита на НАТО во Чикаго и во Кардиф. Грција имаше доволно време да се усогласи со обврските кои произлегуваат од пресудата. НАТО и државите-членки имаа доволно прилики да ги ревидираат своите одлуки во согласност со меѓународното право. Како врховен командант на вооружените сили, можам да ви кажам дека критериумите и стандардите за членство ги исполнивме, а сепак останавме блокирани. Со 16 акциони плана за членство, 9 ротации во Ирак и 27 ротации во Авганистан, Армијата на Република Македонија стана најпроверувана армија во историјата на НАТО. Тоа за нас создава големи обврски без никакви привилегии. Ги браниме интересите на Алијансата, иако не сме во Алијансата. Време е и Алијансата да ги брани своите интереси со тоа што ќе ни го дадат одамна заслуженото членство.“ – рече Иванов.
Според него со самото тоашто не ја интегрира Македонија под својот безбедносен чадор, Алијансата прави стратегиска грешка и создава простор на помал отпор. Блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е школски пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот, додаде Иванов.
„Ако до сега прашањето за поканата на Република Македонија во НАТО беше чисто политичко прашање, сега веќе е и безбедносно прашање. Со секое натамошно нелегално блокирање на нашето заслужено членство во НАТО се врши сериозно блокирање на колективните интереси и на темелните принципи на Алијансата. Пресудата е сè уште тука и чека да биде испочитувана и од Грција и од НАТО. Самитот во Варшава е можност НАТО и државите-членки да ја потврдат посветеноста кон меѓународното право. Но, и можност да го одбранат колективниот интерес на Алијансата и интересот на нашиот регион за поголема безбедност и стабилност.“-истакна Иванов.
Тој посочи дека секоја државите членки на Јадранската група е премногу мала за сама да се соочува со глобалните предизвици и новите и сложени закани и затоа мора да си помагаат едни на други.
„Секоја земја може да придонесе со тоа што ќе го споделува своето искуство. Неопходен е развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам и странските терористички борци. Потребна е поинаква соработка и комуникација меѓу субјектите на системите за национална безбедност на државите. Потребен е единствен и координиран одговор на заканите. Државите од Јадранската група мора да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на НАТО и на Европската унија со непречен пристап до сите бази на податоци.“– рече Иванов.
Претседатеот предупреди дека иако се намалува бројот на меѓудржавните конфликти, истовремено се зголемува бројот на конфликтите во самите држави, а пропаднатите држави во Северна Африка и на Блискиот Исток и ситуацијата во Украина создаваат круг на конфликти околу Европа. Според него глобалната закана не може да се реши со бирократски процедури, туку со менаџирање на заканата.
„Имаме разорени општества во кои нема услови за владеење на правото и почитување на основните човекови права и правото на човечко достоинство. Како последица, имаме нова преселба на народите кои бегаат од пропаднатите држави. Бегајќи од конфликтите и хаосот, најголем дел од нив мирот и безбедноста ја бараат во Европа. Мигрантската криза нè потсети дека Балканот е европска артерија, клучен европски коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Мигрантската криза ја тестира принципиелноста на Европа. Сведоци сме дека Европската унија сè уште не е подготвена соодветно да одговори на предизвиците и заканите.“ -истакна Иванов.
Главна тема на деветнаесеттата Конференција на началниците на генералштабови на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелб ќе биде „Здружени напори во постигнување на НАТО партнерските цели и способности на силите“.
„Не очекуваат предизвици кои беа нагласени на конференцијата. Верувам дека заклучоците кои ќе бидат донесени ќе бидат во корист на сите армиии, а за АРМ се надевам дека ќе биде дополнителен импулс следната година заедно да го прославиме влезот во НАТО алијансата на самитот во Варшава.“-изјави по отварањето на конференцијата началникот на ГШ на АРМ Методија Величковски.
Договорот за формирање на САД-Јадранската повелба, официјално е потпишан во 2003 година, со кој покрај САД како покровител, Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Во 2008 година, на оваа иницијатива се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, а средбите во формат на началници на генералштабови на армиите се одржуваат еднаш годишно, на кои се разгледуваат прашања за воената соработка и актуелни теми од областа на одбраната и безбедноста.
Г.М.