Долги 78 години веслачкиот клуб “Југ“ ги бранува водите на Охридското Езеро. Низ клубот минале стотици и стотици веслачи, љубители на веслањето кои од колено на колено ја пренесувале тајната на езерото. Таква е и приказната на Александра Иваноска која желбата и љубовта кон овој препознатлив спорт за Охрид ја наследила од својата мајка.

–  Со тајните во веслањето се запознав на 10-годишна возраст, а најголеми “виновници” се моите родители кои што исто така се занимаваа со овој спорт. Мојата мајка уште како малечка ме носеше во клубот каде што работеше како тренер, а јас само го чекав вистинскиот момент за да може да завеслам по езерската шир – вели Иваноска.


Инфраструктурата, условите и опремата за практикување на овој спорт се сведени на работ на нормалните. Клубот речиси во целиот период на постоење е во истите простории кои беа осовремени дури во последните неколку години.

– Опремата со која располагаме е стара и преку 30 години, пред три  години преку донација се стекнавме со нови чамци и реквизити. Состојбата во Охрид со водените спортови е алармантна и жалосно е што не се инвестира доволно не само во веслањето туку и во пливањето, ватерполото, кајакот  и едрењето. Штета, имаме прекрасни услови за тренирање и развој на водните спортови, но не знаеме да ги искористиме – смета Иваноскa.


Веслањето не е многу популарно , но огромната желба и љубовта кон овој спорт ги надополнува недостатоците , а нашите веслачи успеваат да се носат рамо до рамо со земјите од регионот. Иваноска која учествувала на голем број регати најголемиот успех го постигна на светското сениорско првенство 2007 година во Минхен, каде во дубал скул заедно со веслачката од Црн Дрим Александра Дејкоска  го освои 16-то место.

– Мојот најголем предизвик е да изборам пласман на Светско првенство и повторно да ја претставувам Македонија. Во наредниот период се подготвуваме за регата во Белград, Србија, со што ни започнува сезоната на натпреварување – рече Иваноска.


По настапот во Србија следуваат Струшката регата, Државното првенство, Илинденската регата во Охрид, како и Балканскиот шампионат во Грција. Настап на Олимписките игри во Лондон 2012 година е нескриена желба на веслачката.

– Најголемиот сон на секој спортист е настап на Олимписки Игри. Се надевам дека ако не успееме да постигнме норма, Веслачката Федерација ќе успее да добие валјд карта за настап на игрите – завршува Иваноска.

М.П.
фото: Емилио