Шестата рунда во ракометната Супер лигата ќе го оживее „Езерското“ дерби помеѓу Охрид и Струга. Домаќин на првата пресметка е охридскиот состав кој в сабота со почеток во 19 часот и 30 минути ќе ја нагости струшката екипа. Охриѓани во дербито со Струга влегуваат со позитивна серија од четири победи во низа, додека стружани во петтата рунда неочекувано ремизираа со Прилеп на домашен терен, а претходно претрпеа пораз од Еурофарм Работник.

  • Последните резултати на екипите и улогата фаворит не значат ништо кога се работи за пресметките помеѓу Охрид и Струга. Една од причините поради кои го засакав и заиграв ракомет на професионално ниво се дуелите помеѓу Охрид и Струга. Моите почетоци беа задоени со ова дерби и знам дека победата вреди многу повеќе од трите бодови. Очекувам тврд и неизвесен меч, а верувам во нашите квалитети и во победа. – изјави Иван Тасески.

„Рибарите“ им приредија фантастично изненадување на охридските ракометари посетувајќи ги на тренингот во четвртокот. Фештата на охридските навивачи продолжи по улиците на Охрид , а заврши на градскиот плоштад со палење на факли.

  • На раб на солзи не донесоа навивачите кои синоќа не посетија на тренинг. Јас лично ја осеќам еуфоријата која владее помеѓу навивачите и луѓето, бидејќи последниве денови речиси сите зборуваат за нашето дерби. Исто како и мојот соиграч Тасески верувам во нашиот квалитет и нескромно најавувам атак на победа. – рече Славиша Димитријески.

„Езерското“ дерби ќе има хуманитарен карактер, откако клубот одлучи дел од средствата од билетите да ги донира за Сара Настеска која треба да се лекува во Германија. – Одлучивме дел од средствата од билетите да ги донираме за потребите на Сара. На влезот од салата ќе бидат поставени кутии за донација и сите ќе можат да донираат онолку колку што сакаат. – истакна спортскиот директор, Горан Недески.

РК Охрид во соработка со СВР Охрид ги презеде сите работи за мирно и коректно дерби, а најавено е присуство на гостински навивачи кои само ќе го збогатат дербито в сабота во СРЦ „Билјанини Извори“.

Мх.П.