На теренот ќе излеземе со голема мотивација, желба за надигрување и без бело знаме, бидејќи немаме често шанса да играме против клуб каков што е Вардар, – рече Иван Тасески во најавата за дуелот Охрид – Вардар, кој ќе се одигра в недела во 18 часот, во рамките од втората рунда во плејофот во Супер лигата.
Поразот од Бутел Скопје не оставил последици во екипата на Охрид, туку простор за напредок и поправање на сите грешки и надополнување на недостатоците.
Може да се заклучи дека поразот од Бутел Скопје беше комплетно лош ден. Бутел Скопје е добра екипа и сигурно ќе конкурира за високите позиции на табелата. Трениравме напорно две недели се со цел да се подобриме и да ги отстраниме сите негативности, – изјави Тасески.
Ракометарот на линијата од шест метри смета дека згуснатиот распоред на Вардар нема да биде предност за Охрид, бидејќи „црвено црните“ изобилуваат со квалитетни ракометари.
Тие ќе бидат во полн натпреварувачки ритам. Имаат по еден или двајца ултра квалитетни ракометари на секоја позиција. Како што напоменав и претходно чест е да се игра против трофеен клуб и ракометари какви што има Вардар. – истакна Тасески.
Вардар, вечерва, игра против Татран Прешов во регионалната СЕХА лига, а дуелот во СРЦ „Билјанини Извори“ се игра в недела, со почеток во 18 часот.
OhridNews