Најновото засилување во охридскиот ракометен клуб Иван Стојановиќ има само позитивни впечатоци од првиот месец поминат во Охрид. 27-годишниот ракометар имаше брилијантен почеток откако екипата на Охрид забележа три победи во исто толку натпревари совладувајќи ги Вардар Јуниор, Работнички и Металург 2.
– И кога разговаравме прв пат напоменав дека сакам да и помогнам на екипата. Ми се чини оти успеав во тоа и со моја помош извојувавме три значајни победи во Супер лигата. Момците во екипата се супер, позитивни и пред се расположени за игра и борба. Исто така пофални зборови имам и за тренерот Горан Андоновски. Неговатата посветеност и доверба ни влева во нас поголема мотивираност што е огиледно на теренот. – рече Стојановиќ.
Српскиот интернационалец во краткиот период поминат во Охрид импресиониран е од градот, неговите убавини и граѓаните.
– Секојдневно во слободното време со моите соиграчи шетаме низ Охрид. Градот е феноменален, луѓето одлично не прифатија, не препознаваат на улица што доволно говори за љубовта кон ракометот. – додаде Стојановиќ.
Најпозитивни импресии Стојановиќ има од охридската публика и „Рибарите“ кои се осмиот играч на ракометниот клуб.
– Ми говореа за атмосферата и навивањето, но се дури не осетив на своја кожа не можев да поверувам. Секоја чест за нивната желба и пасија, и сите заедно сме подготвени за големи работи во оваа сезона. – заврши Стојановиќ.
Ракометниот клуб Охрид по единаесет одиграни натпревари со девет победи се наоѓа на втората позиција на табелата, а следен ривал во Супер лигата е непогрешливиот лидер Металург.
Мх.П.