За оваа Нова година, Петрески, игнорирајќи ги препораките на стручната туристичка јавност, сам си одлучува во Охрид да нема организиран дочек на Нова година, несфаќајќи притоа дека со тоа штета ќе претрпат и хотелиерите и угостителите и приватните станоиздавачи и целиот град, велат од општинската ВМРО- ДПМНЕ.

Оправданието дека парите ќе се дадат во хуманитарни цели, според нив, е лицемерие. Како што велат од ВМРО- ДПМНЕ, хуманитарни, искрени, акции се потребни, но со тоа не смее да се попречува развојот на другите сегменти во работењето на градот, посебно не во туризмот.

Фактите говорат дека во последните неколку години бројот на туристи за дочек на Нова година во Охрид се зголемува. Дури и во периодот на криза во последните две години Охрид забележува добра посетеност од страна на туристите за Нова година. Една од причините за оваа тенденција е токму организираниот дочек на Новата година .

ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид препорачува во соработка со хотелите, рестораните  и сите учесници во туристичката и угостителска понуда да се организира итен состанок на  кој ќе се издејствува модул за организиран дочек на Новата година, со цел да се продолжи традицијата на организиран дочек и зголемување на бројот на пристигнати туристи во Охрид.

OhridNews