Претставници на Магазинот „Motociclismo” едно од најстарите списанија за мотоциклизам во светот, деновиве беа на информативно патување во Македонија, каде снимија видео за мото-тури низ нашата земја. Директорот на магазинот „Motociclismo”, Федерико Аливерти ја предводел групата од дванаесет моторџии кои сметаат дека Македонија е погодна и атрактивна дестинација за мото-туризмот.

Снимениот видео спот ќе се прикажува на нивниот веб-канал и во текот на Меѓународниот саем за мотоциклизам EICMA во Милано, Италија кој има повеќе од 600.000 посетители.

Домаќин на претставниците на „Motociclismo” во Македонија била Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

-Република Македонија како земја домаќин доби максимална видливост и шанса да достигне илјади посетители преку јасна порака на насловната страница на списанието и статии на најмалку 40 страници. Македонија ќе има доминантно место со конкурентна мото-тура која очекуваме успешно да се пласира во Италија имајќи предвид дека италијанските туристички агенции се подготвени да ја вклучат во своите каталози. Воедно ќе биде препорачана програма за мото-тура во Македонија која ги опфаќа Скопје, Маврово, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Берово, Кратово и Куманово, се вели во соопштението на АППТ.

„Motociclismo” е водечко списание за мотоциклизам во Италија со месечен тираж од 160.000 примероци. Нивната веб страна има над еден милион посетители месечно, а нивната Facebook страна има 270.000 следбеници.

OhridNews