Италијанскиот премиер Матео Ренци објави ноќeска на полноќ на прес-конференција во владината палата Киџи дека има намера да поднесе оставка по поразот на референдумот за уставните измени коишто ги бараше, јавува „Макфакс“
„Загубив. Во италијанската политика никој не победува. Но никој и не губи. Не можев да ви донесам победа, и ја преземам целата одговорност за поразот и ќе поднесам оставка. Моето владеење ноќва заврши“, изјави премиерот на Италија Матео Ренци, кој додаде дека подоцна во понеделникот попладне ќе ја предаде својата оставка на претседателот на Републиката, Серџо Матарела.
„Одѕивот на гласачите е изненадувачки висок. Тоа е празник за демократијата, Ја поздравувам победата на сите оние кои не ја поддржаа оваа реформа, ви посакувам натамошна плодотворна работа“, додаде Ренци..
Ренци во јавноста се обрати откако беа објавени прецизираните прелиминарни и неофицијални резултати од референдумот, на кој против уставните реформи кои ги заговараше се изјасниле 60 отсто од оние кои гласале, најмногу 40 отсто ги поддржале реформите.
Официјалните резултати од италијанскиот референдум треба да бидат познати денеска.
Претседателот Матарела сега има овластувања да именува нова мандатар или да закаже предвремени парламентарни избори.
Повеќето коментатори сметаат дека Ренци на премиерското место може да го замени вршителот на должноста премиер од неговата Демократска партија до изборите во пролетта 018 година, а медиумите шпекулираат дека тоа би можело да биде министерот за финансии Пјер Карло Падоан.
Италијанците во неделата се изјаснуваа за уставната реформа којашто предвидува драстично намалување на овластувањата на Сенатот, а гласањето дефакто претставуваше и плебисцит за премиерот Матео Ренци, од левиот центар, кој вети дека ќе поднесе оставка доколку предложената реформа не мине.
Оваа уставна реформа предвидуваше најдлабоко институционално преустројување откако пред 70 години Италија стана република според уредувањето. Реформата на владата би ѝ го олеснило носењето закони, особено со новиот изборен законик, усвоен минатата 2015 годна, кој на победникот на идните избори, кои се очекуваат во 2018 година, му обезбедува сигурно парламентарно мнозинство.
Клучниот момент од реформата е тоа што ја укинува обврската сите закони да мора да минат во двата дома на италијанскиот парламент. Во иднина Претставничкиот дом би одлучувал за повеќето прашања, вклучително и за гласањето за доверба на владата и за националниот буџет.
Сенатот се намалува од 315 на 100 мандати, а неговите членовите повеќе не би ги избирале граѓаните непосредно. Петмина би именувал претседателот на Републиката, а 95 би се избирале меѓу регионалните советници и градоначалници. Сенаторите би го задржале правото на вето за уставните прашања, прашањата коишто се однесуваат на локалните власти и на клучните одлуки на ЕУ.
Некои аналитичари се прашуваа дали е мудро на Горниот дом на парламентот, кој го сочинуваат локални политичари, кои во Италија се често корумпирани, да им се дадата овластувања за да можат да ги блокираат европските одлуки.
Реформата, исто така, ги намалуваше овластувањата на регионалните власти, префрлајќи ги одлуките за важните транспортни, енергетски и инфраструктурни проекти во рацете на државата. Се укинуваше и Националниот совет за економија и труд, форумот на синдикатите и работодавачите.
Ренци појаснуваше дека реформата ќе го подобри процесот на носење одлуки, ќе ги намали преклопувањата меѓу локалните и централните тела на власта што се смета за голема причина за бирократскиот застој, и ќе стави крај на политичката нестабилност. Истакнува и дека ќе ја намали цената на јавните институции.
OhridNews
извор: „Макфакс“