Силни подземни удари, три во серија, денеска ја потресоа централна Италија, јавуваат тамошните медиуми, но засега нема информации за материјални штети или настрадани, пренесува „Макфакс“.

Според Европскиот сеизмолошки центар, првиот удар е регистриран во 10,25 часот во централна Италија, со магнитуда од 5,3 степени по Рихтеровата скала. Вторите два земјотреса биле посилни, и се со магнитуди од 5,7 односно 5,6 степени, а регистрирани се до 11,26 часот.

Американскиот геолошки институт (USGS) објави дека епицентарот на земјотресите бил на 104 километри североисточно од италијанската престолнина Рим, и само седум километри оддалечен од Аматриче, кој биеше погоден од силниот потрес во август минатата година кога загинаа 300 луѓе. 

Земјотресите се силно почувствувани и во самиот Рим, особено во историскиот центар на италијанската престолнина. Римските градски власти по земјотресот спроведуваат евакуација на патниците од метрото, пренесува Reuters повикувајќи се на очевидци.

Повеќе од 45.000 последователни потреси се регистрирани во централна Италија, а оној со магнитуда од 6,6 степени беше најсилниот во последните 36 години.

Последните месеци во централна Италија се случија три големи земјотреса. Првиот со магнитуда од 6,9 бише регистриран на 24-ти август, и во него загинаа 299 луѓе. Вечерта на 26-ти октомври во истиот регион се случи серија подземни удари од кои најмоќниот имаше магнитуда 5,9. Утрото на 30-ти октомври, пак,беше регистриран земјотрес со магнитуда од ,5 кој предизвика разурнувања во стотина места во четири италијански региони, Марке, Умбрија, Лацио и Абруцо. Сите овие потреси беа проследени со долготрајни серии моќни афтершокови.

Земјотресот од 30-ти октомври беше најсилниот во Италија од оној во ноември 1980 година во областа Кампанија, во близина на Неапол, кога загинаа 3.000 луѓе. Земјотресот,пак, кој ноќта на 6-ти април 2009 година го погоди градот Аквила однесе 309 животи, а беше со магнитуда од 5,8. А најмалку 95.000 луѓе загинале во катастрофалниот земјотрес со магнитуда од 7,1 степени во Месинскиот теснец во 1908 година.

Италија е сеизмички една од најактивните области во светот, особено по должината на планинскиот венец, бидејќи со еден дел се наоѓа на евроазиската а со другиот на африканската тектонска плоча. На италијанските Апенини, кои се протегаат од Лигурија на северозападот па сé до Сицилија на југ, доминираат раседи во Земјината кора, а секој во просек е долг од 10 до 20 километри. Научниците објаснуваат дека сегашната сеизмичка активност со еден вид „растегнување“ на Апенинскиот полуостров од исток кон запад, и укажуваат на тоа дека потресите со различна сила, најверојатно, ќе продолжат.

OhridNews
извор: „Макфакс“