Силен земјотрес кој утрово ја погоди централна Италија предизвика паника поради тоа што траеше долго и масовно го принуди населението да излезе на улиците, а дел од телефонските линии се во прекин. Земјотресот бил со магнитуда од 6,5 степени по Рихтер според Европскиот-медитерански сеизмолошки центар ЕМСЦ, а Американскиот геофизички институт УСГС ја ревидираше првичната магнитуда од 7,1 на 6,6 степени. Епицентарот е регистриран на длабочина од 10 километри, на 68 километри југоисточно од Перуџа, односно меѓу Перуџа и Мачерата во местото Норча.

Епицентарот на овој земјотрес е во истото место како и неодамнешните потреси до 26-ти октомври, меѓу градовите Норча, Пречи и Кастелсантанџело сул Нера. Потресот во 7,41 часот се осети и на северот и на југот од Италија, како и во соседните земји Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. ЕМСЦ објави дека по главниот земјотрес во 7,41 часот во следните 30-ина минути следеле неколку земјотреси, исто така, во централна Италија со магнитуди меѓу 3,5 до 4,8 степени по Рихтер на длабочина од 10 до 13 километри.

Италијанската агенција Анса наведува дека уште нема податоци за настрадани или штети.

Луѓето ширум Италија излегоа на улиците, вклучително и во главниот град Рим, оддалечен 132 километри од епицентарот, а особено страв владее во покраината Марка, којашто беше погодена од претходниот потрес во кој животот го загубија околу 300 луѓе. Оваа област беше погодена од земјотреси и на 26-ти октомври, со магнитуди од 5,4 и 5,9 кога беше забележана една жртва од доживеан инфаркт. Од тогаш постојано беа регистрирани афтершокови со магнитуди до 5,0 според Рихтер.

OhridNews
извор Макфакс