Во пресрет на плејоф натпреварот во Палермо меѓу Италија и Македонија за пласман на Светското првенство во Катар, гостин во „Куќа на фудбалот“ денеска беше амбасадорот на Италија во Скопје, Андреа Силвестри, соопшти Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Силвестри на средбата со претседателот и генералниот секретар на ФФМ, Муамед Сејдини и Филип Поповски, ги споделија своите очекувања од претстојниот бараж на 24 март и, како што е соопштено, „имајќи ги предвид пријателските односи меѓу двете земји дадоа збор на финалниот бараж натпревар да навиваат за една од двете репрезентации“.
Очекувам отворен натпревар. Ќе биде предизвик за двете репрезентации. Мечот на 24 март во Палермо е голем спортски момент, но и момент на пријателство меѓу двете земји. Нека победи подобриот, изјави амбасадорот Силвестри.
Првиот човек на ФФМ, Сејдини, истакна дека дуелот против актуелниот европски првак е голем предизвик за „црвено – жолтите“.
Самиот факт дека играме против Италија е доволен мотив за нас. Ние не се плашиме кога играме против големи селекции. Италија е Европски првак, фаворит на овој меч, но во фудбалот се е можно. Верувам во фер натпревар. Ние ќе продолжиме да сонуваме за големи работи, рече Сејдини.
Во рамки на посетата, амбасадорот Силвестри и ги подари на ФФМ фотографиите од репортажата „За првпат“ на италијанскиот фотограф Матео де Мајда и новинарот Козимо Биѕари, направени од повеќе места во Македонија во времето пред историскиот прв настап на македонската репрезентација на Евро 2020.
OhridNews