Охриѓани и туристите во жешките летни денови ќе се разладуваат со вкусен сладолед изработен според оригинален италијански рецепт.
Тајната на изработката на врвни вкусови од омилениот леден десерт на сите генерации од апенинскиот полуостров во Охрид ја донесе Александра Ноческа, сопственичка на џелатерија „Ночолино“ (мало лешниче), која денеска свечено започна со работа во срцето на чаршијата, на добро познатата локација „кај скаличките“.
„Ночолино“ во Охрид, е класична џелатерија направена по италијански терк.
Го одбравме ова италијанско име бидејќи асоцира на сладолед, но и поради фактот што стилот на нашата џелатерија е типичен италијански, а згора на тоа е уникатна бидејќи не постои друга таква тука. – вели Александра.
Сладоледот во „Ночолино“ се прави според оригинален италијански рецепт и е различен од сите други вкусови тука. Нема никакви конзерванси, адитиви и емулгатори, што е најважно од се, само природни состојки и бои, посочува Ноческа.
Идејата да отворам џелатерија во Охрид ми дојде при мојот престој во Италија, каде живеев извесно време. Долго време бев во потрага по рецепт за италијански сладолед. Патот ме однесе до компанијата за „џелато“ „Џелинова“ каде минав неколку месечна обука. Тоа е компанија која сама ги произведува пастите и состојките за „џелато“ и е единствена во Европа која произведува состојки за сладолед на природна база. – истакнува Ноческа.
Во моментов џелатерија „Ночолино“ нуди 22 различни вкусови на сладолед, меѓу кои и новиот „Охридски бисер“, за кој инспирација бил надалеку познатиот украс од нашиот град, на кој не му оддолеа и Мари Кањацо, лиценциран обучувач за „џелато“.
Шетавме со Мери низ охридската чаршија и забележа дека има многу продавници за бисери. Ме праша зошто е тоа така, на што и одговорив дека Охрид е познат по Охридскиот бисер. Таа дојде до идеа и ме праша дали сакам да измислиме сладолед „Охридски бисер“ за отворањето на џелатеријата „Ночолино“, кој го подготвивме според оригинален рецепт. – истакна вредната и креативна Александра Ноческа.
Магијата на добар сладолед според италијански стандарди е во природните состојки, но за добар вкус потребна е фантазија и, секако, креативност и страст, а Александра го има сето тоа, вели италијанката Мари Кањацо.
Идејата на Александра да отвори џелатерија во Охрид е фантастична како и самиот град. Охрид за мене е неверојатно убаво туристичко место, што значи дека многу луѓе ќе можат да вкусат високо квалитетен италијански сладолед и сметам дека оваа приказна ќе биде успешна. – додаде Кањацо.
Тајната на добриот џелато е во начинот на подготовка, додава Кањацо.
Џелато може да се направи од многу различни вкусови, дури и од риба, месо, зеленчук… Тајната е во високиот квалитет на метеријалот од кој се прави италијанскиот сладолед и начинот на кој се прави. Постојат многу различни рецепти за џелато во Италија и оваа индустрија постојано се развива и подобрува. Најголем предизвик сега е да се направи џелато без вештачки додатоци, хемиски бои, палмино масло и други состојки кои се сметаат за штетни за човековото здравје. – истакнува Кањацо.
Омилениот вкус на Мари е сладолед од кафе. Александра, пак, ги покани охриѓани да дојдат во „Ночолино“ и да ги пробаат вкусовите на сладоледот направен според оригинален италијански рецепт и послужен според стандардите за „џелато“ поради што тој е најдобриот леден десерт на светот.
Г.М.
Фото: А. Момироска