Селекцијата на Италија е прв патник во финалето и ќе се бори за големиот трофеј на Европското првенство во фудбал. „Азурите“ во полуфиналната пресметка на „Вембли“ ја совладаа Шпанија на пенали со 4-3, откако регуларниот дел и продолженијата завршија без победник 1-1.
Тактичкото надмудрување преовладуваше во текот на целиот полуфинален натпревар. „Азурите“ повлечени ја чекаа својата шанса, додека шпанците го имаа поседотот на топката. Благодарание на добрите одбрани на Симон Унаи и Џиџи Донарума првиот дел заврши 0-0.
Во второто полувреме сликата на теренот не се промени. Стрпливата игра на италијаните вроди со плод во 60-та минута кога Федерико Киеза го отвори резултатот. Фудбалерот на Јувентус маестрално пласираше во подалечниот агол и го матираше шпанскиот голман.
„Црвената фурија“ не ја изгуби главата и покрај негативата. Во 80-та минута шпанците го изедначија резултатот после одличната акција на Олмо и Мората. Мората го совлада Донарума после додавањето од Олмо.
Продолженијата не понудија допадлив фудбал. Двете селекции повеќе мислеа на сопствениот, отколку на противничкиот гол и очекувано мечот отиде во пенал рулет. Италија и Шпанија промашија во првата серија, а во втората и третата беа прецизни. Во четвртата Италија погоди, Шпанија не, а „азурите“ печат ставија со гол во петтата серија.
Во финалето Италија ќе се судри со подобриот од вториот полуфинален натпревар во кој ќе се сретнат Англија и Данска.
OhridNews