Научниците во новиот извештај за животот во иднината прогнозираат што ќе нѐ чека во 2116 година. Супер облакодери, подводни градови и 3Д-принтани куќи ќе бидат реалност во следните 100 години, се наведува во новиот извештај за животот во иднината. На извештајот, нарачан од компанијата SmartThings, работеле академици и футуролози кои сугерираат дека во рок од еден век луѓето ќе живеат во подземни облакодери што ќе имаат и по 25 ката под земја, пренесува „Макфакс“.
Архитектите, урбанистите и предавачите на универзитетот Вестминстер сугерираат дека ќе бидат создадени и подводни градови во ‘меур’ кој длабочините ќе ги направи можни за живот на луѓето. Очекуваат приватните дронови да станат главни превозни средства, како и дека ќе се користат футуристички справи кои ќе овозможат превоз на цели домови ширум светот за време на Божикните празници.
Меги Адерин-Покок, коавтор на извештајот, објасни дека нашите денешни животи во однос на начинот на живот пред 100 години се речиси непрепознатливи. Интернетот го револуционираше начинот на кој комуницираме, учиме и ги контролираме нашите животи.
Денеска сме во можност да го следиме, контролираме и обезбедуваме нашиот животен простор со помош на паметните телефони, што само пред 10 години беше незамисливо.
Во следниот век, ќе бидеме сведоци на дополнителни промени во начинот на кој живееме и комуницираме со нашето опкружување.
Во извештајот се наведува дека освен мебелот, ќе бидеме во можност да печатиме реплики на куќи и други објекти.
3Д печатењето на храна, кое веќе сега е можно, ќе стане попаметно, со можност за преземање и печатење на јадења од нашите омилени готвачи, кои ќе бидат подготвени за само неколку минути.
Како што пишува во извештајот, луѓето ќе ја колонизираат Месечината и Марс, а комерцијалните летови во вселената ќе станат секојдневие.
„Смартфон револуцијата веќе води кон друга револуција на паметни дронови кои поволно ќе делуваат врз начинот на кој живееме. Нашите домови стануваат сѐ попаметни и веќе сега можат да детектираат присуство на луѓе, домашни миленичиња, чад, влага, осветлување. А тоа е само почеток“, рече Џејмс Мониган, директор на компанијата SmartThings за Велика Британија, пренесува Independent.
OhridNews
Извор: „Макфакс“