Истражувачките работи на Плаошник од проектот за обновување на Свети Климентовиот универзитет, се пролонгирани до 31 декември, ни изјави директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман.
Археолошкото истражување го продолживме до 31 декември бидејќи археолошките слоеви се толку богати што екипите кои таму работ не можат да излезат на крај со богатството што го има Плаошник, вели Кузман. „Од една страна тоа треба да не радува бидејќи е огромно богатство, а од друга гледна точка малку не загрижува зошто малку ги пробиваме зацртаните рокови, но јас сепак мислам дека се ќе се одвива како што треба и дека до крајот на 2009 година ќе го промовираме Свети Климентовиот универзитет на Плаошник“, изјави за ohridnews, Паско Кузман.
Првично беше предвидено археолошките истражувања на Плаошник да завршат во септември.
Во досегашниот тек од истражувањата, археолозите на Плаошник како што истакна и Кузман пронајдоа неочекувано голем број предмети кои потекнуваат од периодот на антиката па до поново време. Меѓу најзначајните се смета малата стауетка на Дедал, такото на митскиот летач Икар. Се проценува дека поширокиот простор на Плаошник крие уште значајни артефакти кои археолозите се надеваат дека ќе ги откријат во текот на работите за обновување на Свети Климентовиот универзитет кој треба да биде готов до 2009 година.
Г. Момироски