Според американската медиумска групација „Њуз енд ворлд рипорт“, златниот медал за најдобра диета веќе четврта година по ред, ѝ е доделен на средоземноморската храна.

Секој вид диета беше оценет врз основа на различни параметри, па така, местото во табелата зависи од тоа колку е лесно да се следи, колку е веројатно дека диетата ќе доведе до долгорочно губење тежина и, конечно, што е и најважно, колку е диетата здрава и безбедна за употреба, особено кај луѓе со хронични заболувања. Покрај титулата најдобра диета, средоземноморската е на прво место и во категоријата растителни состојки, диети за лица со срцеви проблеми, како и во категоријата за наједноставна диета.

Медитеранската диета прогласена за најдобра

Ваквите високи признанија не изненадуваат, бидејќи бројни истражувања откриле дека средоземноморската храна може да го намали ризикот од дијабетес, висок холестерол, деменција, депресија и рак на дојка.

Долги години, многу нутриционисти и лекари истакнуваа дека оваа диета е најздрава, а причина за тоа е секако што таа е главно растителна. Кога станува збор за маснотиите, препорачливо е да се користи маслиново масло, додека другите масла и путери речиси и да немаат никаква вредност во диетата.

Кога станува збор за месото, во средоземноморската храна тоа е помалку застапено отколку во традиционалната кујна, а фокусот е ставен на рибите.

Покрај медитеранската диета, на самиот врв на списокот се и т.н. ДАШ и флекситарната диета. Заедничка одлика на овие диети е тоа што тие се фокусираат на оброци полни овошје и зеленчук, ореви, житарки и семиња. Од друга страна, пак, „Дукан“ и кетогената диета се прогласени за најлоши диети за оваа година.

OhridNews