Дневно-политичките актуелности и нивната динамика диктирана од развојот на процесите кои се дел од преговарачките напори за надминување на спорот со Бугарија, околу ветото за почеток на преговорите и т.н. „Француски Предлог“ повторно ги разгореа социјалните мрежи и говорот на омраза. Ваквите појави особено наидуваат на ветер во грб од страна на корисниците на интернетот во време кога тензиите помеѓу двете држави го достигнуваат своето крешендо, покажува анкетата што на тема „говор на омраза“ ја спроведе Институтот за развој на електронски комуникаци.
На прашањето за присутноста на говор на омраза по социјалните мрежи од страна на македонците насочени кон бугарскиот народ, резултатите покажуваат дека 63.7% сметаат дека нема говор на омраза, додека пак 31.2% има говор на омраза кон Бугарите. На прашањето, пак, дали има говор на омраза од Бугарскиот народ кон Македонците, 60.8% одговориле „Да“, наспроти 35.1% што одговориле „Не“.
Што е однесува до говорот на омраза преку интернет мрежите упатен од страна на Македонците кон Албанците, дури 51.8% од испитаниците се изјасниле дека постои говор на омраза наспроти 47.8% кои се изјасниле дека нема навреди. Речиси две третини (61.4%) од испитаниците сметаат дека од страна Албанците вршат говор на омраза кон македонскиот народ, наспроти 37.9% од испитаниците што одговориле дека не постои говор на омраза во интернет сферата.
На прашањето дали говорот на омразата на социјалните мрежи се зголемува или намалува, повеќе од 2/3 (71.6%) од анкетираните одговориле дека се зголемува vis-a-vi 21.7% кои одговориле дека се намалува говорот на омраза на интернетот во Македонија.
Дали има потреба од спроведување на казнени политики од страна на Владата кон луѓето што вршат говор на омраза по социјалните мрежи, повеќе од половината – 56.2% сметаат дека е нужно, наспроти 36.4% што се изјасниле дека нема потреба од казни. На прашањето дали е потребно Владата да се вклучи поактивно со учество во едукацијата и подигнување на свеста за негативните страни од говорот на омраза, 80.6% одговориле дека е потребно, наспроти 17.4% кои одговориле со „не“ односно дека не е потребно вклучување
Дисонантните тонови во јавниот израз на македонските и бугарски политичари и јавни чинители дополнително ја подгреваат атмосферата на нетрпеливост помеѓу двата народи, што е лесно забележливо во обраќањата и коментарите на интернет. Но, не само помеѓу Македонците и Бугарите, во последниот период во оваа сфера се појавува и сè посилно изразен говор на омраза и поделби на внатрешен план помеѓу двете најголеми етнички групи. – се наведува во истражувањето.
Истражувањето е спроведено на репрезентативен сегментиран примерок од 700 испитаници во периодот 30.06 од 06.07.2022 година со маргинална грешка +/- 3.5% и ниво на доверба од 90%, информира Институтот за развој на електронски комуникаци.
OhridNews