Податоците добиени од вториот бран на истражувањето за перцепциите на граѓаните за корона вирусот, спроведено во периодот од 16ти до 20ти март од Ипсос, покажуваат зголемување на загриженоста на граѓаните. Бројот на оние кои изразиле голема или многу голема загриженост дека лично, или член на нивното семејство, би се инфицирале од корона вирусот, се зголеми од 38% на 52%.

Зголемувањето на бројот на заболени од корона вирусот во нашата земја ја зголемува загриженоста на граѓаните, па веќе секој втор наш сограѓанин е во голема мера или многу загрижен за сопственото здравје и здравјето на своите најблиски. Податоците укажуваат и на тоа дека и младите сериозно ја сфатиле работата, односно бројот на загрижени за себе и за своите блиски на возраст од 18-29 години се зголеми од 28% на 47%. – истакнуваат од агенцијата Ипсос.

Истражувањето покажува дека граѓаните сметаат дека надлежните институции продолжуваат навремено и добро ги информираат граѓаните за секојдневниот развој на ситуацијата, и продолжуваат со доброто справување со ситуацијата поврзана со корона вирусот.

За разлика од првиот бран на истражувањето кога, според податоците, граѓаните ја перцепираа заканата од корона вирусот поголема за светот, отколку дома, во вториот бран на истражувањето граѓаните веќе согледуваат дека короната не е некаде далеку во светот, туку тука, кај нас, и претставува закана и за нашата земја. – истакнуваат од Ипсос.

Истражувањето беше спроведено во вид на телефонска анкета, на национално репрезентативен примерок од 500 граѓани на Република Северна Македонија, во периодот од 16 – 20ти март, 2020 година.

OhridNews