Алармантен е трендот на опаѓање на менталното здравје кај адолесцентните девојчиња, особено кај 15 годишните, а остануваат отворени и многу прашања за тоа како децата и младите да живеат поздраво, побезбедно и повклучено во семејството, училиштето и заедницата покажуваат резултатите од спроведеното истражување во 2022 година во рамки на меѓународната ХБСЦ студија „Однесувања поврзани со здравјето на децата на училишна возраст (11-15 години)“.

Презентацијата на националните наоди се одржа во големата сала во Општина Охрид пред претставници од училиштата од Југозападниот регион, стручни соработници и ученици од охридските училишта, училишни координатори од соседните градови, како и претставници од секторот за образование при Општина Охрид.

Презентацијата ги содржеше последните резултати од истражувањето спроведено во 2022 година, трендови низ изминатите истражувачки циклуси, како и осврт на наодите за здравјето на младите во периодот пред и пост-ковид. Присутните имаа можност да согледаат каде се наоѓаат нашите млади во однос на своите врсници од други земји по различни прашања важни за нивното физичко, ментално, сексуално и социјално здравје, велат организаторите.

Исто така, учесниците имаа можност да се вклучат во дискусија, со цел унапредување на благосостојбата и здравјето на децата и младите во нашата држава.

Сиромаштијата и традиционалната култура ги држи децата на најдолното скалило на хиерархијата на моќ и остварување на своите права. Родовите нееднаквости имаат големо влијание врз општата благосостојба на децата и младите. Родовите нееднаквости ги засегаат сите млади, независно од нивната припадност, уверувања и ориентација. И девојчињата и момчињата се жртви на нееднаквоста, но своето страдање го изразуваат на различен, „родово обоен“ начин, покажуваат анализите.

На настанот од страна на раководителот на секторот за образование при Општина Охрид, Димитар Спасески, беа доделени сертификати на училишните координатори од училиштата од Југозападниот регион, за успешно спроведување на последниот циклус на истражувањето.

Овој настан беше во организација на Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“, Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот во Тетово и Општина Охрид, а го реализираа членови на националниот тим на студијата HBSC и регионалните координатори од Jугозападниот регион.

OhridNews