Основното јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот кој на паркингот кај Трговскиот центар „Мавровска“ вчера усмрти едно лице.
Како што информираат од ОЈО Скопје, осомничениот се товари за кривично дело убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
На 20 август, со пиштол марка „ГЛОК“ со калибар 9 милиметри, што го поседувал без дозвола, осомничениот на паркинг просторот на улицата „Филип Втори Македонски“ во Скопје, позади ТЦ „Мавровка“, со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „Ауди“ без регистарски ознаки, стои во соопштението од Обвинителството.
Оттаму дополнуваат дека на местото пристигнало и второ возило „Цитроен“ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило.
Автомобилот „Цитроен“ вториот осомничен го оставил во Гази Баба и се качил во автомобилот „Ауди“, по што продолжиле да се движат, но на улицата „Стојна Стефкова“ биле пресретнати од полициски службеници. Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачка врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат, се дополнува во соопштението.
Четворицата полициски службеници, како што наведуваат од ОЈО Скопје, во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот, додека, другото лице се дало во бегство и по него се трага.
Од ОЈО велат дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
OhridNews
фото. МИА