СВР Охрид има индиции дека осомничениот за убиството на уличниот продавач на девизи, Трајче Цоцески, всушност е сериски убиец. Ова се наведува во извештајот кој денеска јавно го презентираше МВР, и кој ви го презентираме во целост:

Во врска со убиството на Цоцески Трајче од 12 април годинава, продолживме со преземање на мерки за потврдување на сомненијата дека лицето кое што беше осомничено за истото, стои и зад други убиства кои се случија на подрачјето на СВР Охрид.

По преземените оперативни мерки и активности, вчера од страна на Одделот за организиран криминал во содејство со СВР Охрид, расветлени се уште два случаи на убиства и тоа над лицата Спиро Ставревски, пронајден на 18.05.2007 закопан на Славеј планина и Ракип Рахим кој досега се водеше како исчезнато лице.

Утврдено е дека Спиро Ставревски роден 1948 година од Охрид бил убиен на 08.02.2007 година, додека на 29.05.2006 година бил убиен Ракип Рахим роден 1957 година, исто така од Охрид.

Имено по прибраните сознанија, деновиве беше извршена опширна претрага на теренот каде што постоеја сомненија дека е закопан трупот на Ракип Рахим кој се водеше изминативе две години во евиденцијата на МВР како исчезнат.


Полицијата се сомнева дека осомничениот е сериски убиец

Во атарот на село Оровник – Охридско, поточно на еден километар над селото во блиската шума, на 20 метри од локалниот пат, во дол длабок 30-тина метри пронајдени се 28 парчиња човечки коски и парчиња ткаенина кои веројатно потекнуваат од облека, а за кои основано се сомневаме дека се всушност остатоци од Ракип Рахим.

Пронајдените докази со наредба од Истражен судија од основниот суд во Охрид се доставени во Институтот за судска медицина во Скопје каде ќе биде извршена дополнителна експертиза, како и утврдување на ДНА профилот.


остатоците од човечки коски пронајдени во Оровник

Откако новите сознанија и докази му беа предочени на осомничениот, кој од 17-ти минатиот месец се наоѓа во притвор, истиот ги потврди делата и ја посочи наведената локација на која го однел и го закопал телото на Ракип Рахим.

Според досегашните резултати од истрагата, утврдено е дека модусот на кој што се извршени и овие убиства соодветствува со оној над Трајче Цоцески. Имено лице местото на извршување и на овие убиства е продавницата за железарија во која што работел осомничениот, а начинот на извршување е идентичен, односно со удирање на жртвите одзади со чекан во главата. Со оглед дека и двајцата убиени, исто така работеле на црниот девизен пазар во Охрид, а осомничениот им должел поголема сума пари, мотивот покрај стекнувањето противправна имотна корист се и нерасчистените должничко-доверителски односи. Од истрагата се покажа дека на Ставревски, осомничениот му должел 800 евра, додека на Рахим 1 300 долари.

За убиството на Ставревски денеска е поднесена кривична пријава, додека по комплетирањето на ДНА анализата ќе следува соодветна пријава и за убиството на Рахим, соопшти СВР Охрид.

ohridnews