Смртта на македонски државјанин, кому не му била укажана лекарска помош по 12-часовна работа во пекара, предизвика лавина реакции во словенечката јавност, пренесуваат највлијателните словенечки медиуми, јавува „Макфакс“.

Словенечката полиција, веќе започна истрага во врска со смртта на македонскиот државјанин Ферид С. (48), под сомнение дека постои кривично дело за загрозување на човековото здравје.

Македонскиот државјанин, кој што работел во Словенија, во саботата со остра болка во градите побарал медицинска помош во здравствен дом во Љубљана, каде му рекле дека нема регулирано здравствено осигурување и дека ќе мора да плати до 100 евра, доколку прегледот не е итен.
Ферид С. заминал непрегледан, бидејќи најверојатно незнаел оти трошоците за итни случаи ги покрива државата,  по што починал неколку часа подоцна во хотел во Љубљана.

Сојузот на слободните синдикати побара постапка веднаш да започне инспекторатот за труд, кој треба да ја утврди одговорноста на работодавецот, кој на работникот не му плаќал здравствено осигурување.

Пратеник на Либерално – демократската партија (ЛДС)  до министерот за здравство Дорјан Марушич упати пратеничко прашање за здравствената заштита во Словенија, нагласувајќи дека случајот со смртта на македонскиот работник, само ја потврдува итноста од реформата на здравството.

OhridNews
извор: „Макфакс“