Репрезентацијата на Јужна Африка е последниот патник во полуфиналето на Африканскиот куп на нации, откако синоќа по изведувањето пенали ги совлада Зеленортските острови. Во регуларниот дел мечот заврши без голови.

Јунак во пенал серијата беше голманот и капитен на Јужна Африка Ронвен Вилијамс кој одбрани 4 пенали, со што влезе во аналите на светскиот фудбал како прв голман кому му успеало тоа на едно големо репрезентативно натпреварување.

И голманот на Зеленортските острови беше во елемент бранејќи два пенала, недоволно за успех бидејќи неговиот колега од противничката репрезентација „фати“ двојно повеќе. Јужна Африка во пенал рулетот славеше со 2:1.

Во полуфиналето Јужна Африка ќе се сретне со Нигерија. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат домаќинот на првенството Брегот на слонова коска и ДР Конго.

Г.М.