Охридскиот боксер Бојан Ристевски, кој беше дел од македонската репрезентација на „Златниот Гонг“ се закити со сребрениот медал. Во финалето од категоријата до 69 килограми Ристевски претрпе минимален пораз на поени 10-9 од Сем Мекнес.


– Нам многу ни фали констатност за да ја одржуваме високата форма пред вакви големи натпреварувања како што е „Златниот Гонг“. Убеден сум оти со „нормални“ услови и голема конкуренција во домашниот бокс ќе ги совладавме нашите противници на „гонгот“. Со години „викаме“ за условите во кои тренираме, но никој сеуште да слушне и да ни помогне. Но, покрај овие недостатоци нема да застанеме и ќе продолжиме да го преставуваме градот и државата – рече Ристевски.

Вториот охридски боксер во македонската репрезентација Сашо Лескароски не го повтори успехот од минатата година кога го освоие сребрениот медал откако беше елиминиран уште во првата рунда.

– Не сум задоволен од моето преставување на 43-то издание на „Златниот Гонг“. Иако загубив во тесна борба на поени од Светски првак до 21 година сепак мислам дека можам подобро – истакна Лескароски.


По подолго време на „Гонгот“ се боксуваше без заштитни кациги, а тоа е дел од новите правила што е „плус и минус“ во текот на борбата.

– Се боксуваше по нови правила без кацига, тоа нам повеќе ни одговара бидејќи ударите се почисти и не е толку тешка главата. Но, без кацига се зголемува шансата за расекотина на лицето. Мене и на мојот противник токму тоа ни се случи во борбата на „Гонгот“ и сега ми следува пауза поради тие повреди – додаде Лескароски.

Голем дел од медалите на 43-то издание на „Златниот гонг“ ги освоија англиските боксери кои и беа фаворити пред почетокот.

Мх.П.