Трите охридски клубови (HWA RANG ITF, HWA RANG FIST и МASTER) кои настапуваат под македонското знаме остварија историски успех на најквалитетниот турнир на Балканот во Благоевград, Бугарија освојувајќи 14 одличја.


Единственото злато го освои Божидар Димитриевиќ кој беше доминантен во својата категорија (10-11 години) и 65 килограми.

– Со прикажаното на овој турнир нашите натпреварувачи испишаа нова историја во македонското таеквондо. Турнирот во Благоевград е најсилниот меѓународен турнир во Европа, турнир од кој многу од земјите ги избираат своите репрезентативци. На истиот учествуваа 46 клубови со над 450 натпреварувачи. Успеавме да земеме 14 медали од кои еден златен, три сребрени и 11 бронзени. Ова претставува историски успех за клубовите кои ја претставија Македонија, HWA RANG ITF, HWA RANG FIST и МASTER. – рече Марјанчо Лазаревски.

На турнирот во Благоевград, Македонија за прв пат зеде екипно учество во борби во пионерска и јуниорска категорија и се закитија со бронзениот медал.

Јуниорската екипа беше составена од Филип Јосифоски, Александар Јованоски, Кирил Симоноски, Димитар Брешков и Бојан Зориќ, а во пионерска конкуренција не претставуваа Антонио Јанески, Давид Велковски, Божидар Димитриевиќ, Христијан Митрески и Стефан Каланоски.


Пионерите имаа шанси и за повисок пласман, но за жал во полуфиналниот натпревар влегоа со натпреварувач помалку после повредата на Давид Велковски, а тоа автоматски значеше дека тимот ќе стартува со -2 поени во борбата против Словенија.

Младите таеквондисти за малку не беа оштетени од страна на судиите кои при резултат од 5:3 на поени се решија натпреварот да го решава златен поен. Сепак до тоа не дојде по брзата интервенција на повисоките официјални лица од Словенија,

– Најголем успех за нашиот клуб и нашата земја е што за прв пат учествувавме екипно во борби во пионерска и јуниорска конкуренција. Јуниорите во полуфинале беа елиминирани од домаќините кои подоцна станаа и шампиони, додека пионерите во полуфинале беа поразени од Словенија, а најголемиот успех го направивме кога во ¼ финалето ја совладавме домашната екипа на Бугарија. – додаде Лазаревски.


Македонија претставена од трите клубови на HWA RANG ( HWA RANG ITF, HWA RANG FIST и MASTER) под водство на потпретседателот на Македонската Таеквондо Федерација и тренер на екипата, Марјанчо Лазаревски, црн појас IV дан и националниот тренер Ацо Јосифоски црн појас IV дан успеа да стигне до еден од најголемите успеси во историјата на македонското таеквондо.

Ohridnews