Еден од најпознатите дијаманти на светот, 76-каратниот дијамант на австрискиот надвојвода Жозеф, наскоро ќе биде понуден на аукција, на која се очекува да достигне цена од 15 милиони долари, соопштила аукциската куќа Кристи. Станува збор за безбоен дијамант изрежан во форма на перниче, со тежина од 76,02 карати и дебелина од 1,5 сантиметри. Бил пронајден во денес затворениот индиски рудник Голконда, од каде што потекнуваат и познатите дијаманти Кохинур и Реџент.
Дијамантот, кој го носи името на некогашниот сопственик, надвојводата Жозеф Аугуст, во текот на месец октомври ќе биде изложен во Њујорк, Хонг Конг и Женева, каде на 13 ноември ќе биде ставен на лицитација. Последен пат го променил сопственикот во 1993 година кога бил продаден на аукција, исто така во Женева, за 6,5 милиони долари.