Британската тенисерка, 18-годишната Ема Радукану, го освои последниот годинашен грен-слем турнир, откако синоќа ја совлада во финалето на УС Опен својата врсничка Лејла Фернандез од Канада со 6-4, 6-3.
Младата Британка, 150 рангирана на ВТА листата, со тоа стана првата тенисерка во историјата, која преку квалификации дојде до грен-слем титула и најмлада по Русинката Марија Шарапова, која триумфираше во Вимблдон во 2004 со 17 години. Радукану, воедно, стана и првата британска тенисерка, која освои грен-слем турнир по Вирџин Вејд во Вимблдон пред 44 години. Британската тинејџерка до титулата во Њујорк дојде со низа од десет победи, од кои три во квалификациите, без загубен сет.
Нејзината соперничка, 73-рангираната Фернандез, исто така, имаше импресивен пат до финалето во Њујорк, елиминирајќи три тенисерки од топ 10 – Наоми Осака, Елина Свитолина и Арина Сабаленка.
OhridNews