Ракометарите на Охрид имаат повеќе од успешна полусезона во суперлигашкото друштво. „Гладијаторите“ со десет победи во 14 натпревари ја делат втората позиција со Прилеп, а неприкосновен лидер е Металург со стопроцентен ефект.


Ракометниот клуб Охрид високите цели сезонава ги најави пред стартот кога се засили со четворица интернационалци. Тие заедно со останатите ракометари направија подвиг и сосема заслужено го добија епитетот хит на првенството.


– Полека, но сигурно она што го посакував по завршување на играчката кариера ми се остварува да го направам Охрид стабилен и респектабилен суперлигаш. Со нашите игри во првата полусезона никого не оставивме рамнодушен и затоа секаде со аплаузи бевме пречекани и испратени. – рече неодамна охридскиот стратег Горан Андоновски.


Во втората полусезона охриѓани ќе одиграат четири мечеви од регуларниот дел во Супер лигата, а потоа ќе бидат дел од разигрувањето за титулата.

Мх.П.