Северна Македонија е кандидат за членство од 2005 година и заедно со Хрватска во 2008 година доби позитивно мислење. Хрватска веќе е членка на ЕУ, а со Северна Македонија уште не се започнати преговорите за зачленување. Ова е огромна грешка од страна на ЕУ, што би ја карактеризирал како историска и сега може да се стави на квадрат, бидејќи Северна Македонија ќе биде ставена зад Алабанија, за што не гледам никакви причини, изјави денеска во Охрид унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија земја во моментов претседава со ЕУ.

Тој денеска даде предлог Унгарија да биде посредник меѓу Скопје и Софија да најдат решение за спорот. Нагласи дека овој предлог му го презентирал на премиерот Христијан Мицкоски.

Имам предлог за спорот со Бугарија. Подготвени сме за тоа да посредуваме во ова прашање. Унгарија да биде посредник во спорот меѓу двете држави, да се најде решение кои ќе им одговара на двете страни, рече Орбан на заедничката прес-конференција со Мицкоски.

Најважната тема на денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски, посочи Орбан, било зачленување на Македонија во ЕУ и Унгарија како претседавач на ЕУ.

Ставот на Унгарија е добро познат. Многу е важно стабилноста на Западен Балкан и интеграцијата во ЕУ. Зачленување на една држава не е проблем и предизвик, туку една огромна можност. За сите држави кои се веќе членки на ЕУ, така и за Унгарија. Сите видовме дека со зачленување сите добивме многу напредок, но ЕУ во меѓувреме ја загуби динамиката и затоа мора да обезбедиме проширување и тоа е најдобар начин, изјави Орбан.

Според Орбан, мора да го имаме геополитичкиот фактор, но и оти мора да се почитуваат и државите кои долги години работата на зачленување на ЕУ се ставени во втор план.

Тоа не е чесно од нашата страна. И затоа како претседавачи на ЕУ сметаме дека е многу важно да се одржи на дневен ред зачленување на Западен Балкан во ЕУ и согласно тоа би сакале да се забрза процесот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Подготвени сме да се одржи меѓувладина седница, а ако не ќе одиме на билатерално, изјави Орбан.

Народите од Западен Балкан, порача Орбан заслужуваат многу повеќе и одамна требало да бидат членки на ЕУ.

Сакам да пренесам поздрави од унгарскиот народ, бидејќи се работи за две пријателски држави. Денешната средба е 18-та средба што јас и господинот премиер ја реализиравме и не е тајна дека партијата што ја претставува вашиот премиер и нашата ФИДЕС се братски, но ние никогаш не ги мешаме партиските работи и државните работи, но секогаш е добро братски партии да бидат на власт и заеднички да ги разменуваат своите делувања, изјави Орбан.

Годинава прославуваме 30-годишнина од воспоставување на дипломатските односи, посочи Орбан и најави дека го поканил Мицкоски во Унгарија, каде ќе се одржи следната меѓувладина седница.

По нашите гледања и двата народи имаат долги историски традиции и двата народи цело ова време е карактеристична борбата за зачувување на националните интереси и слободата. Важно е да ги зачуваме нашите идеали и националната гордост. Верувам дека ќе се согласите со нас дека за една нација најважно е да ја зачува националната гордост, порача Орбан.

Тој нагласи дека Северна Македонија не е само пријателска земја на Унгарија, туку и многу важна држава за безбедноста на Унгарија, бидејќи се наоѓа на мигрантската рута. – Доколку има потреба, имаме волја да ви помогнеме на сите начини, порача Орбан.

Мицкоски, нагласи дека посетата е доказ за одличните пријателски односи и соработката помеѓу двете земји, кои се продлабочуваат со секој изминат ден.

Македонскиот и унгарскиот народ ги врзува длабоко вкоренето пријателство и длабока почит. Унгарија секогаш не поддржувала, како во тешките времиња, така и во напорите за нашата европска интеграција. Денеска преку конкретни иницијативи и договори тоа пријателство продолжува да се зацврстува создавајќи солидни основи за идната наша соработка. Историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж за мир, просперитет и соработка, изјави Мицкоски.

Со години наназад политичките и економските врски меѓу двете земји се продлабочуваат, рече Мицкоски и додаде дека денешните средби го потврдуваат нашето стртаешко сојузништво.

Унгарија е не само наш партнер на европската сцена. Туку и пример како една држава може да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција. Унгарија одсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на ЕУ и на нашите аспирации за полноправно членство, изјави Мицкоски.

Со унгарските пријатели ја делиме заедничката визија за интегриран Балкан, каде сите земји од регионот ќе бидат дел од големото европско семејство.

Верувам дека со поддршката на Унгарија и другите наши сојузници Балканот ќе го заземе своето заслужено место во ЕУ, изјави Мицкоски.

Претходно премиерите Мицкоски и Орбан одржаа тет-а-тет средба, по што имаше и заедничка меѓувладина седница.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја преводи владината делегација составена од десеттина министри која од вчера е во посета на земјава. Покрај официјалниот дел, предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат и цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.

Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

OhridNews