Спомен плочата од НОВ која се наоѓаше пред некогашната зграда на Синдикатот во центарот на Охрид која, во меѓувреме го промени сопственикот но и изгледот, заврши на буниште покрај купиштата градежен отпад и шут во околината на Горица.
Како и зошто спомен плочата завршила уништена на дивата депонија во близина на Охрид е прашање на кое јавноста очекува одговор од надлежните институции.
Со овој чин веројатно завршија и „обидите“ истата да се врати на местото каде некогаш беше поставена дотолку повеќе што новата модерна зграда во центарот на Охрид нема никаква историска вредност, односно со ништо не потсетува на некогашниот објект каде за време на Втората светска војна на 26 и 27 ноември 1941 година година Прекиот воен суд на бугарскиот фашистички окупатор осуди група комунисти поради организирање оружано востание на македонскиот народ против окупаторот. Осудени беа: Лазар Колишевски на смрт со бесење, Петре Пирузе во отсуство на смрт со бесење, Ќирил Главинчев на 12 години и 6 месеци строг затвор, Андон Дуков во отсуство на 12 години и 6 месеци затвор и Јаќим Спироски во отсуство на 8 години и 4 месеци затвор.
Спомениците од Втората светска војна се потсетник на десеттиците илјади жртви што Македонија ги даде во борбата против фашизмот низ која беа удрени темелите на современата македонска држава. Со уништувањето на овие паметници всушност исчезнува дел од македонската историјата која толку многу е оспорувана особено во актуелниот момент
Г. Момироски