Пред истекот на законскиот рок само 58 илјади граѓани ги пријавиле ланските приходите, информираат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Остануваат уште неколку дена за поднесување на годишната даночна пријава, а се очекуваат да бидат поднесени уште над 100 илјади даночни пријави.

Последниот рок за пријавување на приходите е 15 март.

Годишната даночна пријава (образец “ПДД-ГДП”) е бесплатна и може да се преземе од веб страницата на УЈП www.ujp.gov.mk или на шалтерите на УЈП.

Годишна даночна пријава задолжително треба да поднесе граѓанинот кој во 2010 година: издавал под закуп (кирија) или подзакуп станбен или деловен простор, гаража, земјиште, викендица, опрема, превозни средства или друг вид на имот; склучил авторски договор, односно остварил приход од авторски права и права од индустриска сопственост; му била исплатена дивиденда или камати по основ на заем кој го дал на физичко или правно лице; остварил капитална добивка од продажба на хартии од вредност на берза, учество на капитал и недвижен имот; остварил добивка од игри на среќа, од спортско обложување, од лото, од ТВ наградни игри; има лични примања од странство; работно е ангажиран во амбасада, мисија на меѓународна организација во РМ, односно има лични примања од дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави во РМ или пак остварува лични примања кај претставници и службеници на претставништвата кои уживаат дипломатски имунитет; и остварил и “други приходи”.

Граѓанинот не е должен да поднесе годишна даночна пријава, доколку во текот на годината има остварено само приход од плата, од пензија, од земјоделска дејност или од самостојна дејност.

OhridNews
извор: „Макфакс“