Вечерва на полноќ истекува рокот за поднесување на листите за кандидат за градоначалник во Охрид, Дебар и Ново Село каде на 21-ви април ќе се гласа за прв човек на општините заедно со избирањето на претседател на државата.
Пред истекот на рокот, за општина Охрид поднесени се четири кандидатури за градоначалник:од редовите на СДСМ актуелниот вд градоначалник Константин Георгиески, од ВМРО ДПМНЕ д-р Митре Милошевски, од ГДУ Михаил Трендафилов-Нанче и Стевче Стевоски, кој се кандидираше и на минатите локални избори како независен.
Неофицијално дознаваме дека најава за кандидатура има и од партија на Албанците од опозицискиот блок.
На полноќ истекува рокот и за поднесување кандидатури за претседателските избори. Својата кандидатура веќе ја поднесоа Блерим Река, кандидат на албанската опозиција, Стево Пендаровски од СДСМ и коалицијата и Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.