За политика се интересирам колку еден просечен американец што се интересира за остатокот од светот, ако ме разбирате што ми е зборот. Најмногу поради хиперактивноста на политичката сцена кај нас, која едноставно е тешка за следење , со сите оние дневни дози на слаткоречивост на власта и канонади на опозицијата против власта. Иако мојата професија, новинар (која патем ја работам, ни крив, ни должен ) налага да морам да се контаминирам од овие политички релации „снаа-свекрва“, кои по својата предвидливост ги засенуваат дури и шпанските серии, ќе бидам доблесен и ќе признам дека уште многу погачи леб треба да изедам и уште многу вода од Езерово треба да се испушти на албанска страна (простете за цинизмов) додека јас станам вистински новинар.
Кои се според мене најчестите мотиви што може да натераат некого да работи новинарство овде во нашава паланка ( паланка само поради планечкиот менталитет кој не може да се избегне). Секој си има своја и јас имам моја. Во новинарството влегов сосема случајно и бев напросто запрепастен од леснотијата со која буквално успеав да се инфилтрирам во него. Меѓутоа откако моите претпоставени ме оценија како потенцијал и подобен за оваа работа, моето чудење се испостави како непотребно ама не исчезна сосем. Никогаш не сум горел од желба да бидам новинар ама кога веќе склопив брак со новинарството решив и да го одржам. Тоа ти е како брак склучен од интерес во кој љубовта доаѓа сама по себе. И не очекував ништо спектакуларно да ми се случи. Тотално опуштен и приземен.
Кои се според мене останатите мотиви за некој да се зафати со овој “бизнис“:титулата новинар која априори треба да ти обезбеди статус и углед во општеството што би рекле постарите, од тебе човек да направи. Па славата и публицитетот што може да ги добиеш, па може ќе излезеш на телевизија, па ќе те препознаваат по улица, а ти знаеш дека да се појавиш на тв тоа е најопоен афродизијак за спотивниот пол. А бе, да си заметиш што би рекла денешнава младина. Е стварно ми доаѓа да повратам и вид виделина да фатам кога некои и последните атоми од силата ги цедат само во името на овие ниски страсти. А очебијно не се пубертетлии а меѓу нив има и луѓе веќе во години навлезени. Колку ли само депримирачки и обесхрабрувачки тоа делува на мојата желба да си го најдам своето место под сонцето во ова што го работам. Суетата и амбицијата се двигатели на секој човек. Сите во животот ги бараат своте 5 минути на слава. Дури и музичкиот гениј, Горан Бреговиќ, со сиот тој талент и бекграундот што го има, во една прилика изјавил дека со музика почнал да се занимава само за полесно да ја придобие милоста на понежниот пол. Ама на толку инфантилен начин да се бара слава во новинарството стварно е дегутантно, затоа што новинарството не е ниту шоу-бизнис, а богами ни малку гламурозна професија. Новинарот треба да е сервис, медијатор, а не паун што ја прчи опашката, шоумен што глуми лудило или пак ситен профитер кодош или паразит, ако ме разбирате што ми е зборот, а ако ви е тешко ќе поедноставам до баналност: НОВИНАРОТ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ГРЕБЕ КАЈ СИТЕ ОНИЕ ЛИКОВИ КОИ СЕДАТ НА КОЖНИ ФОТЕЛЈИ !!
Само едно сознание ми дава сила да издржам во ова што го работам, а тоа е дека и покрај овие претставници на седмата сила (кои погрешно разбрале или воопшто не знаат кои се обврските и должностите на еден новинар ) овде кај нас постојат и вистински новинари кои ненаметливо влегле во новинарската работа, инвестирале многу во сопствено усовршување, навреме ги надминале детските болести, знаат што сакаат, што работат и затоа денес се тоа што се. Не се многу ама ги има. “Бериќатврсан“. Сега глупо е да наведам кои се. Самите ќе се препознаат. Како и да е, јас многу ги почитувам. Се надевам дека и многу ќе научам од нив во иднина, а искрено сметам и на нивна поддршка кон мојата цел, да станам како нив – вистински новинар.
Љупчо Ангелоски