Исполнетоста на капацитетите вдолж Охридско-струшката ривиера од 10 јули до денес се искачи на 80 проценти, што внесе оптимизам кај хотелиерите дека сезоната и покрај сите проблеми, пред се предизвикани од коронавирусот, ќе биде задоволителна.
Летовите на Туи со два авиона неделно беа добар показател дека дестинацијата е безбедна и дека може да се патува на Охридското Озеро. Се покачи малку и бројот на странски гости од околните држави и може да се каже дека од 10 јули до наваму исполнетоста на капацитетите е на очекуваното ниво. Се уште побројни се домашните туристи, со оглед на ситуацијата со Ковид 19 предизвикува проблеми, како во Грција, па поголем дел од домашните гости останаа тука. Но и бројните концерти околу 2 август придонесоа за голема посетеност, вели претседателот на Асоцијацијата на хотелиери ХОТАМ, Крсте Блажески.
Во денешниот извештај од Државниот завод за статистика, пак, се наведува дека бројот на туристите во државава во јуни 2021 година изнесува 47 167, од кои 47.2 % се домашни туристи, а 52.8 % се странски туристи.
Бројот на ноќевањата во јуни 2021 година изнесува 117 701, од кои 52.6 % се од домашните туристи, а 47.4 % од странските туристи. Во периодот јануари – јуни 2021 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 42.5 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 97.8 %, а кај странските зголемувањето е за 8.3 %. – соопшти Државниот завод за статистика.
Во периодот јануари – јуни 2021 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 54.0 %, и тоа кај домашните туристи има зголемување за 87.2 %, а кај странските зголемувањето е за 27.9 %, се додава во извештајот.
Н.С.Ј.