Играчот со најмногу асови во светскиот тенис, 38-годишниот Американец Џон Иснер ја заврши својата кариера со пораз денеска од сонародник Мајкл Мо со 3-6, 4-6, 7-6, 6-4, 7-6 во 2. коло на УС Опен.

Во својот последен натпревар во кариерата Иснер додаде уште 48 асови со што дојде до бројката од 14.470 неодбранети сервиси, што е за 712 повеќе од вториот на вечната листа Иво Карловиќ од Хрватска.

Рекордот на Иснер уште долго време нема да биде соборен, бидејќи меѓу активните играчи со најмногу асови, вкупно 8.879 има Сем Квери, кој е на 35-годишна возраст и блиску до крај на кариерата.

Покрај рекордниот број асови, Иснер останува во аналите и како еден од учесниците во најдолгиот натпревар во историјата на тенисот, кога неговиот дуел против Французинот Николас Махут во Вимблдон во 2010 година траеше неверојатни 11 часа и пет минути.

Најдобриот пласман на Иснер во 17 – годишната професионална кариера, во која освои 16 турнири, е осмото место на АТП листата, а најголемите успеси ги оствари во 2018 година, кога ја освои својата единствена „Мастерс 1000“ титула во Мајами и дојде до полуфиналето во Вимблдон, што е негов најголем успех на грен – слем турнирите.

OhridNews