Охридскиот Амак СП се израмна на врвот на табелата со Фени и Работнички откако го совлада фенерџијата Вардар со 89-71 во заостанатиот натпревар од шестото коло.

Акумулираното искуство, концентрацијата во одлучувачките моменти беа клучните фактори во победата на охридскиот тим. Гостите одлично се држеа се до финишот на третиот перид кога тренерот Милевски направи техничка грешка , овозможувајќи им на охриѓани  серија по која немаше назад за скопјани.

– Причината за поразот не ја гледам во техничката грешка. Нашата екипа имаше 24 “неизнудени“ грешки кои го одлучија натпреварот, против екипа како Амак Сп тоа е недопустливо – рече Милевски на прес конференцијата по завршувањето на мечот.

Пристапот на “езерџиите“ беше на ниво во првите дванаесет минути кога направија и двоцифрена предност. По опуштањето до полувремето, на стартот на последниот период Фрај (17 п) се надоврза на серијата на В. Стојаноски (17п.) и Агоч (22 п.) , кршејќи го отпорот на  “црвено – црните“ кои ги предводеше најефикасниот на мечот Николовски (25 п и 11 ск).

–    Натпреварот го отворивме добро, но подзаспавме и не стигна до полувремето. Вардар е екипа што е  составена од младински репрезетативци на кои им фали искуство. Откако не стигнаа по критиките на паузата моите играчи заиграа онака како треба и во финишот стигнавме до убедлива победа – рече Марјан Лазовски

М.П.