Жителите на населбата „Христо Узунов“ пред отприлика две години дошле на идеа да си го разубават „маалото“. Исчистиле, посадиле трева во паркчињата, а меѓу другото поставиле и светлечка табла – „Добредојдовте во населба Христо Узунов“. Убаво. Има тука доста „викенд-станови“ па кој и да дојде од „страна“ да биде добредојден, нели!?!

Но секогаш има „но“. Ги прашуваме луѓето кои ги затекнавме во блиската продавница, што се случило со таблата, кој ја скршил? Не знаат, претпоставуваат дека се помлади луѓе (деца или тинејџери) кои во „налет“ на деструкција ја искршиле, најверојатно со камења.


Искршена добрата идеа

Да не прејудицираме, но вакви „изливи“ на фрустрација врз објекти се чести во градов. Сетете се колку пати сте виделе корпа за отпадоци искршена или исфрлена во вода додека шетате по кејот? Има ли останато „здрава“ телефонска говорница? Навистина, што ги тера луѓето така да се однесуваат? Транзицијата, беспарицата, немањето работа, иднина?!Веројатно од се` по малку.

Во „наше“ време полицаецот беше „все и всја“, не смеевме ни на трафика да седнеме. Сега критериумите се прилично полабави. Но, не е само таму проблемот. Лошата економска ситуација и изместените вредности го прават своето. Во вакви времиња човек треба да вложи големи напори да остане нормален.

С. Костоски