Изборниот штаб на ВМРО ДПМНЕ – Охрид тврди дека нивниот кандидатот за градоначалник Митко Тилевски не бил поканет на потпишувањето на документот за соработка со граѓанските организации од Охрид за решавање на нивните барања од идната локална самоуправа, што се одржа денеска во организација на Фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија Скопје во повеќе градови низ земјата.

„ВМРО-ДПМНЕ Охрид сака да изрази длабоко жалење што не бевме поканети за потпишувањето на обврската за соработка со граѓанските организации. Сето тоа не е поради наша причина што кандидат Д-р Митко Тилевски не присуствуваше на потпишувањето туку пропуст во организацијата или намерно изостанување од настанот. За тоа треба да следи јавно извинување од организаторите. – соопшти ВМРО ДПМНЕ.

Оттаму информираат дека новата Локална самоуправа предводена од Д-р Митко Тилевски секогаш ќе биде со поддршка за граѓанските организации и без потпишувањето во рамките на проектот „Денот потоа – локални избори” реализиран од фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија.

-Наша обврска и цел секогаш ќе биде соработката со граѓанските организации како што се подршка со креирање буџет за млади, решавање на проблемот со бездомните животни, социјална заштита и хуманитарна помош за социјално-ранливото население, санација и ревитализација на колекторскиот систем како и нови идеи за нормално функционирање на разните граѓански здруженија.- се вели во соопштението

Од Фондацијата Фридрих Еберт ги демантираат ваквите обвинувања и информираат дека на настанот биле поканети сите кандидати за градоначалници.

Во рамките на проектот „Денот потоа: Локални избори“, Фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија Скопје во соработка со прогресивни граѓански организации и претставници од академската фела, во периодот септември-октомври 2017 година организираше активности за унапредување на состојбите во општеството на локално ниво во Република Македонија. Активностите се одржаа во општини од сите осум (8) плански региони во Македонија (Велес, Штип, Гевгелија, Прилеп, Охрид, Маврово/Ростуша, Општина Центар, Град Скопје и општините на територијата на Скопје). Денешните прес конференции/настани во горенаведените општини беа насловени „ОБВРСКА СЕГА! ЗА ДЕНОТ ПОТОА!“, а од страна на Фондацијата Фридрих Еберт поканети беа сите кандидат(к)и за градоначалници за вклучените општини. – информираат од Фондацијата Фридрих Еберт.

OhridNews