Членовите на охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ со седиште во Мелбурн – Австралија, повторно пријатно ги изненадија згрижените лица во Одделението за геријатрија при Општа болница Охрид. Благодарение на хуманоста и донираните средства на нашите иселеници во Австралија згрижените во одделението денес имаа можност да ја почувствуваат празничната атмосфера и да се дел од велигденскиот ручек организиран за нив.

Претседателот на друштвото во Мелбурн, Васко Ангелески, Крсте Наумоски и останатите членови како и многу пати досега се погрижија овие луѓе со свечена трпеза и народна музика, во изведба на ансамблот „Билјана Јуниор“ да го одбележат празникот. Иселениците тука не запираат, тие и претходно имаат донирано во повеќе наврати, а во наредниот период повторно ќе придонесат за подобрување на условите во одделението за геријатрија, вели Лазар Стојчески, вработен во одделението кој посредуваше при реализацијата на донацијата.

Меѓу донациите кои ги најавува здружението „Св. Наум Охридски“ се и реновирање и изградба на уште 50 соби и апартмани за потребите на охридското одделение, инвестиција која би се реализирала со заеднички средства на членовите на сите македонски здруженија во Мелбурн, Австралија.

Т.К.