Двајцата државјани на Македонија и Босна и Херцеговина, вработени како инженери во италијанска фирма за градежништво во Либија, кои исчезнаа во саботата во градот Зувара, се пронајдени живи. Во времето на исчезнувањето со нив бил и еден италијански државјанин кој сé уште не е пронајден.
Амбасадорот на БиХ во Либија, Ибрахим Ефендиќ, потврдил дека се пронајдени македонскиот и босанскиот државјанин, Петар Матиќ и Емилио Гафури, но не и Италијанецот Марко Валиса.
„Синоќа добив вест дека се ослободени, но немав официјална потврда. Но, утрово ми јавија од Амбасадата на Италија дека Петар Матиќ е ослободен“, изјавил во понеделник Ефендиќ за Клиџ.ба и додал дека Матиќ, заедно со Македонецот се наоѓаат во италијанската амбасада во Триполи.
Од македонското Министерство за надворешни работи потврдија дека меѓу исчезнатите инженери има и македонски државјанин.
Либиските власти уапсиле едно лице под сомнение дека е поврзано со киднапирањето на странските работници.
Инаку, во јануари беа киднапирани двајца италијански иженери кои беа ослободени по три недели, а сé уште нема никаква вест за еден Италијанец кој беше киднапиран во март.
Македонецот, Босанецот и Италијанецот исчезнаа во саботата. Италијанските медиуми објавија дека пред куќата во која престојувале полицијата го пронашла нивниот автомобил со запален мотор. Нивните мобилни телефони до вчера биле исклучени. Италијанската новинска агенција Анса објави дека станува збор за инженери од компанијата „Пиацентини Цострузион“ од Модена, од која потврдиле грабнување на нивните работени, но не дале детали.
Реутерс забележува и дека во Либија е сѐ почесто грабнувањето на дипломатите и странските работници, но и на Либијци, бидејќи властите не се во состојба да ги контролираат локалните племенски милиции кои се бореа за соборување на деценискиот автократ Моамер ел-Гадафи во пролетта 2011 година.
OhridNews
извор:„Макфакс“