Уличниот продавач на девизи од охридската населба Рача, Трајче Цоцески, кој исчезна во саботата, пронајден е мртов во близина на авто кампот АС кај Струга.

СВР Охрид во штурото соопштение, наведува дека околу 15ч. денеска во близина на авто-кампот АС е пронајдено тело на маж на возраст од околу 60 години облечен во темна кошула, сини тренерки и бели патики. На неговото тело видливи биле траги од насилство, односно повреди на главата.

Екипи на СВР Охрид,  јавен  обвинител од Струга и Истражен судија при Основниот суд во  Струга, веднаш излегле на лице место и се преземаат мерки за расветлување  на случајот. На местото на настанот биле и роднините на Трајче Цоцески кои го препознале мртвото тело. Во разговор што го направивме вчера тие ни рекоа дека  Цоцески не бил искаран со никого, немал непријатели и не должел пари никому. Трајче Цоцески исчезна во саботата околу 17 ч. откако по кафето што го пиел со кумот, заминал кај наводен пријател кому требало да му размени 2.500 евра.

Трајче Цоцески беше оженет и татко на две возрасни деца.

Ова е втор случај на убиство на уличен продавач на девизи за една година.  Минатата година  сред бел ден во близина на пазарот исчезна уличниот продавач на девизи, Спиро Ставрески, кој три месеци подоцна беше пронајден убиен во атарот на село Лактиње-охридско. Претходно исчезнаа уште двајца улични продавачи на девизи, а нивната судбина до денешен ден не е позната.

ohridnews