По повод 45 годишнина од творештвото на академскиот сликар Славко Упевче, синоќа, во изложбениот салон на куќата на Уранија беше отворена изложбата “Исчезнатиот Охрид“.

-Оваа изложба е навистина голема ретроспектива, затоа што 45 години не е мал период за создавање, и тоа исклучиво еден амбиент охридски, во градот во кој што сум се родил и творел. Изложбата е тематска. Јас ги бележам оние мотиви од градот кои со времето исчезнале. Тука се објекти во градот кои со тек на време во налетот на новата градба не постојат веќе, останале само во моите сеќавања, во моите скици и размислувања за Охрид кој го сликам константно сите овие години во сите годишни времиња.-истакна уметникот  Славко Упевче.


Славко Упевче 

Тој смета дека Охрид е доста променет и типичните охридски градби полека исчезнуваат со новите градби.

-Посебно жал ми е за оној дел на градот како Сараиште, Ј’но, каде што можеше да се излезе на плажа, имаше живост, комуникација, сега се е тоа забарикадирано. Новото време носи нови работи, не е тој Охрид тоа што беше.-вели Славко Упевче.

Изложбата е во организација на МАНУ и охридскиот книжевен и научен центар „Уранија“, а ја отвори академик Васко Ташковски. 

– Го пратам творештвото на Упевче од 1972 година. Тој е хроничар на Охрид и охридската архитектура, но и на животот во Охрид и крајбрежјето.-рече Ташковски.


академик Васко Ташковски

На изложбата присуствуваа голем број граѓани и љубители на уметноста, меѓу кои и Видое Видически, поранешен новинар, публицист и писател, кој бил промотор на првата изложба на Славко Упевче во 1969 година.

Можам да го видам преку сликите на Славко Упевче стариот дел на градот, односно стариот Охрид.-рече Видически.


Видое Видически

Уметничките дела на Славко Упевче во Куќата на Уранија ќе бидат изложени до 25 јули.

Академскиот сликар Славко Упевче има организирано над 30 самостојни изложби, а неговите уметнички дела красат колекции насекаде во светот.

OhridNews